Осми „Марш за ангелите“ денеска во Кочани – почит за загинатите, поддршка за повредените

Денеска во Кочани ќе се одржи осмото издание на „Маршот за ангелите“, симболичен настан во чест на загинатите во трагичниот пожар што ја потресе јавноста. Маршот ќе биде и израз на солидарност со повредените лица од истата несреќа.

Трасата на маршот ќе започне од Паркот на Револуцијата, ќе продолжи низ Трговскиот центар, потоа пред Општина Кочани, па кон Полициската станица, Основниот суд и Обвинителството во градот. Организаторите ги повикуваат сите граѓани кои се согласуваат со нивните барања и поддржуваат борбата за правда, да се приклучат.

Во меѓувреме, истрагата за пожарот е завршена. Основното јавно обвинителство Скопје објави дека 46 лица се осомничени, меѓу кои и 14 полициски службеници, за тешки кривични дела против општата сигурност. Постапката против припадниците на МВР ја води Обвинителството за гонење организиран криминал, каде истрагата е сè уште во тек.

Истражниот тим составен од 13 обвинители од Кочани, Скопје, Штип и Куманово ја заврши работата пред законскиот рок. Спроведени се бројни истражни дејствија, меѓу кои прибирање докази, обдукциски и градежни вештачења, проценка на безбедносни стандарди и анализа на причините за настанување и ширење на пожарот.

„Извршени се распити на околу 400 сведоци и оштетени лица, а испитани се и сите осомничени. Анализирани се податоци од електронски уреди, кои се вкрстуваа со други информации добиени во истрагата. Финансиската полиција спроведе проверки за функционирањето на клубот по насока на јавен обвинител“, соопштија од ОЈО Скопје.

Сега течат роковите во кои одбраната може да предложи свои докази. Доказите за полициските службеници ќе бидат доставени до Обвинителството за гонење организиран криминал.

Меѓу осомничените за трагичниот настан на 16 март, во кој загинаа 62 лица, се и тројцата поранешни градоначалници на Кочани, кои раководеле со општината во периодот од отворањето на дискотеката до нејзиното изгорување. Првично беа во ефективен притвор, кој потоа им беше заменет со куќен притвор.

Исто така, осомничени се и поранешните министри за економија – Беким Незири, Ваљон Сарачини и Крешник Бектеши – за издавање лиценци и покрај тоа што објектот не ги исполнувал условите. Против нив, исто така, се изречени мерки на куќен притвор.

Во куќен притвор се наоѓа и поранешниот директор на Пазарниот инспекторат Горан Трајковски, како и поранешниот и актуелниот директор на Дирекцијата за заштита и спасување. Осомничени се и сопственикот на дискотеката, сопственикот на објектот, лицата задолжени за обезбедување во кобната вечер, како и повеќе полициски службеници, дел од нив се во притвор, а дел се со мерки на претпазливост.

Настанот „Марш за ангелите“ останува глас на јавноста која бара одговорност, правда и институционална реакција.