Со почетокот на денешниот ден, над 15.000 матуранти низ целата држава го полагаат првиот екстерен испит од државната матура – мајчин јазик и литература. Овој испит е задолжителен за сите ученици што ја завршуваат средната настава.
Според податоците на Државниот испитен центар, испитот денеска го полагаат 15.004 ученици – од кои 8.816 се од стручните училишта, 5.966 од гимназиите и 222 од уметничките училишта. Од вкупниот број кандидати, 9.969 ќе полагаат на македонски јазик, 4.339 на албански, 292 на турски и 10 на српски јазик.
Следниот, изборен екстерен испит е закажан за 11 јуни. Најголем број матуранти повторно избрале англиски јазик (13.457), а помал број ќе се тестираат по математика (1.246), германски (73), француски (24), естетика (62), филозофија (7), руски (4) и италијански јазик (3).
За правилна и фер реализација, ангажирани се околу 2.000 тестатори кои ќе го надгледуваат испитниот процес. Таму каде што училиштата немаат соодветни услови, учениците ќе полагаат во простории на факултети, согласно правилникот на ДИЦ. Локациите се веќе објавени на официјалната страница на институцијата.
Матурантите имаат на располагање и подготвителни материјали – тестови од претходни години со точни одговори. Покрај двата екстерни, матурата опфаќа и два интерни испита, како и проектна задача.
За оние кои нема да го положат испитот во јуни, втора шанса ќе има во августовската сесија – на 12 август ќе се полага мајчин јазик, а на 14 август изборниот предмет.
Инаку, просечната оценка на државната матура изминатите години бележи благ пад: од 3,78 во 2022 година на 3,25 во 2024.
Државната матура се организира од 2007 година, со исклучок на пандемијата во 2020 кога беше откажана.