Она што започна како историска ноќ за навивачите на ПСЖ заврши со трагедија на улиците на Париз. По убедливата победа од 5:0 против Интер во финалето на Лигата на шампионите, илјадници луѓе излегоа на прослава, но атмосферата брзо прерасна во хаос.
Во нередите кои избувнаа на неколку локации низ градот, загинаа две лица, 192 се повредени, а над 420 лица беа уапсени. Инцидентите вклучуваа напади врз полицијата со пиротехнички средства, палење на возила и уништување на јавна инфраструктура, како автобуски постојки.
Полицијата објави дека кај многу од уапсените биле пронајдени пиротехнички и запаливи материјали. За контрола на ситуацијата биле употребени солзавец и водени топови. Во одржувањето на редот биле ангажирани околу 5.400 припадници на полицијата и жандармеријата.
Министерот за внатрешни работи, Бруно Ретахо, остро го осуди насилството:
„Вистинските навивачи слават, додека варварите го уништуваат градот и ја провоцираат полицијата“, напиша тој на мрежата X.
И покрај инцидентите, на повеќе локации во градот се задржа празничната атмосфера. Ајфеловата кула блескаше во боите на ПСЖ, а навивачите со гордост ја прославуваа првата европска титула во историјата на клубот.
Фудбалерот Усман Дембеле испрати апел за смиреност:
„Славиме, но без насилство“, порача тој.
Парадата на шампионите е најавена за наредните денови, а триумфалниот пречек на фудбалерите на ПСЖ е закажан за 17:00 часот на Шанзелизе.