На прес-конференција одржана денес, потпретседателот на СДСМ, Методија Илиевски, упати сериозни обвинувања кон владејачката партија и државните институции, обвинувајќи ги за прикривање на одговорноста за трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
„Христијан Мицкоски и Бобан Коцевски ја продолжуваат голготата на родителите кои речиси три месеци бараат правда за своите починати деца. Наместо да обезбедат одговорност, тие ги штитат вистинските виновници“, изјави Илиевски.
Според него, јавноста има право да знае зошто до денес не е поднесено обвинение против Драган Казак Петрушев, сменоводителот кој ноќта на трагедијата раководел со акциската контрола во „Пулс“.
„Дали е точно дека постои видео-снимка на која се гледа како лично Петрушев ги заклучува вратите на дискотеката, спротивно на сите протоколи, спречувајќи го излезот од објектот? Ако Обвинителството ја има оваа снимка, зошто сè уште нема обвинение?“ праша Илиевски.
Дополнително, СДСМ обвинува дека контролната акција во „Пулс“ била намерно одложена и наместо да се спроведе во 12:30 часот – како што било наредено – се одвивала дури при крајот на забавата, кога веќе било доцна.
„Дали постоела комуникација меѓу сопственикот на дискотеката и Петрушев, со цел акцијата да се одложи за да се зголеми профитот? Дали се штити затоа што е партиски кадар на ВМРО-ДПМНЕ? Дали поседува компромитирачки материјали за функционери на партијата?“ – праша Илиевски, алудирајќи на можни причини за заштитата на Петрушев.
СДСМ прашува и зошто Петрушев редовно присуствува на протестите во Кочани како полицаец, сугерирајќи дека неговата улога е да врши притисок врз родителите на жртвите.
„Колку време е оставено за уништување на докази, вршење притисоци и заплашување на сведоци и оштетени? Оваа власт не сака правда, туку молк“, обвини Илиевски.
СДСМ најави дека нема да застане додека не биде откриена целосната вистина за трагедијата во Кочани, во која загинаа 62 млади лица, а повеќе од 200 беа повредени.
„Нема да дозволиме виновниците да избегаат од одговорност. Продолжуваме со објавување на вистината за трагедијата во Кочани“, порача Илиевски.