Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, најави дека по локалните избори се очекува обединување на ДЗС и Центарот за управување со кризи (ЦУК) во една институција. Гостувајќи во „Тема на денот“ на ТВ Сител, тој изјави дека со поддршка од премиерот Христијан Мицкоски, очекува овој процес конечно да се реализира.
„Се чувствувам како мајстор којшто поправа расипани работи. Претходно ме пратија во ЦУК да ја средам институцијата пред ковид-кризата. Сега сум во ДЗС, која е во хаотична состојба“, рече Ангелов, укажувајќи на сериозните проблеми со кои се соочува институцијата.
Тој истакна дека ситуацијата се влошила дополнително поради тоа што поранешниот директор на ДЗС е во притвор поради трагедијата во Кочани. Дополнително, оперативноста на институцијата е загрозена и поради технички и кадровски проблеми.
„Состојбата со Ер тракторите е комплицирана. Едниот е вратен од сервис, другите два се заглавени поради финансиски потешкотии. Но, со поддршка од премиерот и Владата, верувам дека ќе го решиме и тоа“, изјави Ангелов.
Дополнителен проблем е недостигот на пилоти – моментално недостигаат двајца. Во тек се разговори со пензионирани пилоти, од кои барем еден веќе покажал интерес да помогне ова лето. Ангелов додаде дека се размислува и долгорочно – за создавање на нови домашни пилоти.
„Гледаме и стратешки, сакаме да создадеме генерација на нови пилоти кои ќе можат да се справуваат со кризи во иднина“, порача директорот.