Скандал во грчката лига: Јанакопулос со закана за силување и бегство од полицијата

Финалето на грчката кошаркарска лига меѓу Олимпијакос и Панатинаикос доби шокантна димензија надвор од теренот. Контроверзниот сопственик на Панатинаикос, Димитрис Јанакопулос, се најде во центарот на нов скандал, откако, според обвиненија од Олимпијакос, се заканил дека ќе ја силува ќерката на газдата на Олимпијакос, Јоргос Ангелопулос.

Според генералниот директор на Олимпијакос, Никос Лепениотис, инцидентот се случил по натпреварот, кога Јанакопулос наводно двапати приоѓал и изговарал монструозни навреди пред сведоци, вклучувајќи и своето обезбедување и членови на тимот.

По инцидентот, обвинителот издал налог за апсење, но Јанакопулос успеал да избега со помош на своето обезбедување. Според очевидци, тој бил виден како трча кон автомобилот, а возилото со кое заминал речиси прегазило полицаец кој се обидел да го сопре.

Инаку, Олимпијакос го совлада Панатинаикос со 91:83, изедначувајќи ја финалната серија на 1:1, но фокусот по натпреварот целосно се префрли на инцидентот кој го засени спортскиот аспект.

Очекувањата се грчките правосудни органи да постапат по случајот кој го шокираше спортскиот свет.