Омерагиќ: Бесплатен влез за децата од Детска лига и училишен фудбал на мечот Македонија – Белгија

Фудбалската федерација на Македонија ќе овозможи бесплатен влез на источната трибина на Националната арена „Тодор Проески“ за сите деца кои учествуваа на финалниот турнир во Детската лига, како и во проектот за училишен фудбал „Ајде на фудбал“, на престојниот натпревар меѓу Македонија и Белгија

Оваа одлука, донесена по иницијатива на претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ, претставува признание за вложениот труд и ентузијазмот на повеќе од 2.000 деца од 96 екипи што учествуваа на финалниот турнир во Детската лига, како и близу 1.000 ученици од основните училишта вклучени во проектот „Ајде на фудбал“.

„Преку оваа иницијатива испраќаме силна порака на поддршка за младите таленти и ја поттикнуваме љубовта кон фудбалот кај најмладите. Тие се иднината на македонскиот фудбал и заслужуваат да бидат дел од вакви важни моменти за нашите национални селекции“, истакна Омерагиќ.

Источната трибина ќе биде целосно резервирана за младите фудбалери, кои ќе имаат можност да уживаат во натпреварот не само како публика, туку и како мотивирана генерација што еден ден ќе го носи дресот на Македонија.