Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, ја поздрави најавената измена на Законот за локална самоуправа, со која се воведува институцијата комунални редари. Според него, ова е чекор напред кон поголем ред и дисциплина во урбаните средини.
„Со години зборуваме за потребата од комунална полиција, а сега добиваме комунални редари со зголемени ингеренции. Ова е добар почеток за конечно воспоставување ред во општините“, изјави Герасимовски.
Тој најави дека мерката најпрво ќе се спроведе како пилот-проект на територијата на Град Скопје, при што редарите ќе се ангажираат во справување со неправилно паркирање, гласна музика, дивоградби и нерегуларна урбана опрема.
„Очекувам комуналните редари да бидат клучни партнери во создавање поуреден и помирен животен простор за граѓаните“, нагласи Герасимовски.