Пратеникот Талевски избран во Меѓународниот секретаријат на Интерпарламентарното собрание на Православието

Пратеникот од редовите на СДСМ, Миле Талевски, со особена чест и задоволство ја прифати одлуката на делегатите на 32. Генерално собрание на Интерпарламентарното собрание на Православието (ИПС), со која беше избран за член на Меѓународниот секретаријат на оваа важна меѓународна политичка организација.

„Верувам дека во следниот период, заеднички ќе вложиме уште повеќе напори за промоција на соживотот, пријателството, меѓусебното разбирање и толеранцијата – вредности што се основа на православната традиција,“ истакна Талевски по изборот.

Генералното собрание се одржа во Букурешт, Романија, каде парламентарците дискутираа на тема: „Соработката на парламентарните и религиозните институции во моделирањето на упатствата за користење на вештачката интелигенција, во контекст на соопштението на Интерпарламентарната унија од Маракеш“

„Современите општества имаат бројни придобивки од вештачката интелигенција, но со брзиот технолошки развој и глобализацијата, се појавуваат и сериозни предизвици и ризици. Справувањето со тие прашања мора да биде координирано и заедничко,“ посочи Талевски.

Со изборот на Талевски во Меѓународниот секретаријат, Македонија добива уште еден глас во значајните глобални дискусии за иднината на вредностите што ги негува православието и предизвиците на новото дигитално време.