Украинскиот претседател Володимир Зеленски предложи привремен прекин на огнот како чекор кон одржување директна лидерска средба со рускиот претседател Владимир Путин.
„Мојот предлог, кој верувам дека ќе добие поддршка од нашите меѓународни партнери, е да ѝ предложиме на Русија прекин на огнот сè до одржување лидерска средба“, изјави Зеленски на прес-конференција во Киев.
Тој остро ги отфрли условите што ги постави Москва за постигнување мир, оценувајќи ги како ултиматуми. Условите се содржани во меморандум кој Русија ѝ го предаде на Украина на почетокот на неделата, а со кој се бара повлекување на украинските сили од четири региони што Кремљ ги смета за анектирани.
„Станува збор за ултиматум што ни го наметнува руската страна. Токму затоа тој документ не беше објавен пред почетокот на преговорите – бидејќи ако беше, Украина ќе имаше целосно право да не учествува во средбата во Истанбул“, нагласи Зеленски.
Тој додаде дека нема смисла да се продолжи со досегашниот формат на преговорите во Истанбул, бидејќи по два круга тие не дале никакви конкретни резултати.
„Русија веројатно е подготвена за нова размена на заробеници, но сегашната руска делегација – предводена од советник од втор ред – не е компетентна да разговара за прекин на огнот“, истакна Зеленски, додавајќи дека продолжувањето на дипломатските средби на такво ниво е бесмислено.