Кривичниот суд во Скопје даде зелено светло за обвинителниот акт во еден од најголемите здравствени скандали во земјата – случајот „Онкологија“. На обвинителна клупа ќе седнат поранешните директори на Клиниката за онкологија, Нино Васев и Нехат Нухи, заедно со неколку лекари-онколози, осомничени за сериозни злоупотреби и криминал вреден над 35 милиони евра.
Како што информираат од Кривичниот суд, приговорот на одбраната е одбиен, а обвинителниот акт поднесен на 22 мај е официјално одобрен. Случајот сега е прераспределен кај судија, и наскоро ќе биде закажана главната расправа, која ќе биде јавно достапна преку календарот за судења.
Обвиненијата против Нино Васев се однесуваат на злоупотреба на службената положба и директно загрозување на здравјето на пациенти. Според Обвинителството, кај најмалку 29 пациенти било утврдено погрешно дозирање на терапијата, отстапки од онколошки протоколи, а Васев наводно имал помош од колешка од одделот за тумори на дојка.
Обвинети се и двајца лекари од одделот за белодробни заболувања за давање терапија без медицинска оправданост.
Во вториот дел од обвинението, Васев и Нухи се товарат за проневера и измама со лекови и средства во вредност од преку 35 милиони евра. Парите, според обвинението, биле повлекувани без реална испорака на лекови до пациентите, нанесувајќи сериозна штета на државниот буџет.
Случајот „Онкологија“, кој го шокираше здравствениот систем и јавноста, беше отворен пред две години, а Обвинителството го оценува како еден од најсериозните и најсложени случаи на криминал во јавното здравство досега.