Кабинетот на премиерот Христијан Мицкоски е во постојана комуникација со семејствата на настраданите во трагичниот пожар што го зафати Кочани – потврди портпаролката на Владата, Марија Митева, на денешната трибина „Кочани е нашиот приоритет“.
Одговарајќи на новинарско прашање дали е најавена посета на премиерот во Кочани, Митева истакна дека тој веќе остварил средба со дел од семејствата на жртвите и дека постои однапред договорена динамика на вакви состаноци.
– Верувам дека, доколку има интерес за јавна средба, премиерот ќе биде достапен, а јавноста навремено информирана. Но, морам да потенцирам дека дел од средбите се одвиваат на барање на семејствата без јавна најава – изјави Митева.
Според неа, институциите остануваат внимателни кон барањата на погодените и во постојана координација, но почитувајќи ја нивната желба за приватност.