Анчелоти без голови на дебито за Бразил, реми во Еквадор

Карло Анчелоти го започна своето поглавје на селекторската позиција на Бразил со нерешен резултат на гостувањето во Еквадор – натпреварот во рамките на квалификациите за Светското првенство заврши без голови, 0:0.

Иако Еквадор обично претставува тешка дестинација за секој противник поради високата надморска височина, овојпат натпреварот се играше во крајбрежниот Гвајакил, што значеше дека домаќините беа лишени од својата традиционална предност.

Анчелоти излезе со ѕвездена постава: Винисиус Жуниор, Ричарлисон, Касемиро, Алисон и Бруно Гимараеш беа дел од почетниот состав. Сепак, и покрај звучните имиња, Бразил не успеа да стигне до посакуваната победа.

Бразилските медиуми со големо внимание го следеа дебито на италијанскиот стратег – дури и забележаа дека за време на мечот сменил осум мастики на клупата.

По натпреварот, Анчелоти изјави:

„Имавме добра дефанзивна игра, но мораме да бидеме подобри со топката. Немавме доволен проток. Нерешено е солиден резултат за старт, со оглед на комплицираните услови. Имавме добри шанси во првото полувреме, но не ги искористивме. Не сакам да барам оправдувања, но тревникот беше лош. Се надевам дека следниот натпревар ќе ни овозможи подобри услови и поголем интензитет.“

Следниот предизвик за „Селесао“ ќе биде клучен за да се покаже дали тимот под водство на Анчелоти ќе може да се наметне како фаворит на континенталната сцена.