Македонската фудбалска репрезентација одигра 1-1 против силната селекција на Белгија во натпревар од 3. коло од квалификациите за Светското првенство 2026, што ќе се одржи во САД, Канада и Мексико.
Иако бод против репрезентација од светскиот врв секогаш се смета за успех, овојпат Македонија има зошто да жали – беше блиску до цел плен. Нашите фудбалери одиграа со огромно срце пред полните трибини на „Тодор Проески“, покажувајќи дека веќе не сме аутсајдери, туку тим кој може да се надигрува и со најдобрите.
Белгија ја отвори средбата поофанзивно, со неколку полушанси, од кои најсериозната заврши со статива по удар со глава од Раскин. Македонија имаше две фантастични шанси во 24. минута, кога Елмас и Алиоски двапати ја погодија стативата во иста акција. Како што често се случува во фудбалот, промашените шанси беа казнети – Де Кујпер го отвори резултатот за 0-1 во 28. минута.
Во второто полувреме, Македонија излезе уште посилна. По прекрасна акција од Илиевски и Костадинов, Елмас ја затресе мрежата за 1-1 – но радоста беше краткотрајна, бидејќи ВАР го поништи голот поради офсајд.
До крајот на мечот, нашите фудбалери продолжија да се борат – нова статива за Белгија, недосуден пенал над Барди и бројни акции кои ги дигнаа гледачите на нозе. И токму кога изгледаше дека шансите се истрошени, Езгијан Алиоски со мајсторски волеј во 87. минута го изедначи резултатот и донесе голема радост.
Овој бод има тежина, но уште повеќе – ја потврдува новата реалност: Македонија игра зрело, храбро и без респект против европските гиганти.