Денеска е Задушница – ден за молитва и сеќавање на блиските што не се меѓу нас

Православните христијани денеска ја одбележуваат Задушница – ден посветен на молитва и сеќавање на сите што го напуштиле овој свет. Утрешниот ден, пак, е Педесетница, односно големиот празник Слегување на Светиот Дух, познат како Духовден.

Задушниците се одбележуваат четири пати годишно, секогаш во сабота, денот што Црквата го определила за помен на упокоените. Во православната традиција, ова е момент за духовна поврзаност со душите на починатите, за кои верниците се молат за нивниот вечен мир.

Верниците денеска посетуваат цркви каде што се служат света литургија и парастос, а потоа ги посетуваат гробиштата. На гробовите се носи варено жито, лепче и вино – симболи на животот, воскресението и вечноста. Се читаат молитви, се пали свеќа и се изговара именски помен.

Задушница е и ден на милосрдие. Традиционално, верниците делат милостина во име на покојните, како чин на духовна љубов и сеќавање. Таа милостина се дава на сиромашни, со надеж дека доброто дело ќе донесе утеха и спасение за душите на починатите.

Во тишината на гробиштата и во светлината на запалените свеќи, Задушница потсетува дека љубовта не умира – таа продолжува преку молитвата и споменот.