Владата отвора телефонска линија за директна комуникација со повредените од пожарот во Кочани

Повредените во трагедијата во Кочани и нивните семејства, од понеделник – 9 јуни, ќе можат да се јавуваат на новата телефонска линија 070 355 526, за да ги изнесат своите барања и потреби, информираше портпаролката на Владата, Марија Митева.

„Ја воспоставуваме новата телефонска линија за директна комуникација, управувана од Канцеларијата на претседателот на Владата. Линијата ќе биде активна од понеделник, 9 јуни, и ќе функционира непрекинато, достапна за сите повредени и нивните семејства“, изјави Митева.

Таа додаде дека во првата фаза ги повикуваат сите засегнати да се јават, да ги споделат своите барања, предлози и конкретни потреби.

„Оваа линија нема да биде само контакт – туку жив канал на комуникација, преку кој ќе се одржува дневна, неделна и месечна координација, со редовно информирање и персонализиран пристап за секој случај“, посочи портпаролката.

Митева објасни дека оваа иницијатива е резултат на директна комуникација на терен, особено од страна на работната група за евалуација на повредените, која изминатиов период беше во непосреден контакт со семејствата и со медицинските тимови.