Тирана денес е под засилени безбедносни мерки поради вечерашниот високоризичен натпревар помеѓу Албанија и Србија во рамки на квалификациите за Светското првенство 2026.
Албанската полиција мобилизираше повеќе од 2.000 полицајци, кои ќе бидат ангажирани пред, за време и по натпреварот, со цел да се спречи евентуален инцидент.
Српската репрезентација ќе има посебна полициска придружба од специјални единици, а центарот на Тирана, особено околината на стадионот, ќе биде целосно блокиран од 15:00 часот. Пристап ќе имаат само лица со валиден билет или акредитација.
На стадионот се инсталирани најсовремени системи за препознавање лица, а трибините се покриени со високотехнолошки надзорни камери. Властите нагласуваат дека лет на дронови е строго забранет, и секој појавен дрон ќе биде веднаш соборен, за да се избегне инцидент сличен на оној во Белград во 2014 година.
Дополнително, граничната полиција нема да дозволи влез во земјата на лица со хулиганско досие, без разлика на националноста.
Натпреварот Албанија – Србија ќе започне вечерва во 20:45 часот, а се очекува натпревар со високи тензии, како на теренот, така и на трибините.