Спасен маж со тешки повреди кај Ливадичко Езеро

Тешко повреден маж е успешно спасен вчера попладне од тешко пристапен терен во близина на Ливадичко Езеро на Шар Планина, соопшти Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија.

По итно барање од Центарот за управување со кризи (ЦУК), активирана била хеликоптерска единица на АРСМ од составот на вВИНГ, која поради сериозноста на повредите и тежината на теренот, извела комплицирана медицинска евакуација од воздух.

Според информациите, лицето паднало во провалија и се здобило со скршеници на рака, нога и колк, како и со обилно крварење – состојба која го довела во критична животна опасност. Парамедицински тим итно интервенирал на местото на несреќата, каде успеал да го стабилизира и имобилизира повредениот пред неговото хеликоптерско извлекување.

„Армијата во координација со ЦУК и здравствените установи го предаде повреденото лице на итна медицинска помош, по што следуваше транспорт во болница на понатамошен третман“, се наведува во соопштението.

Од Армијата истакнуваат дека ќе продолжат да обезбедуваат брза, навремена и професионална поддршка во служба на безбедноста и здравјето на граѓаните.