Нов осомничен за трагедијата во кочанскиот „Пулс“ – истрага против реалниот сопственик на агенцијата за обезбедување

Јавното обвинителство отвори истрага против уште едно лице во врска со трагичниот пожар во кочанската дискотека „Пулс“, во кој загинаа 62 лица, а повеќе од 200 беа повредени. Новоосомничениот е идентификуван како реален сопственик на агенцијата за обезбедување од Скопје, која била ангажирана во објектот без законски основ.

Тој се сомничи за „Тешки дела против општата сигурност“ по член 292 во врска со член 288 од Кривичниот законик. Обвинителството утврдило дека тој активно управувал со целокупното работење на агенцијата, заедно со претходно осомничениот управител и со овластеното лице на подружницата во Кочани.

Истрагата покажала дека обезбедувањето на дискотеката било вршено без склучен договор со „Кабаре ПУЛС Кочани“, без безбедносна проценка и без план за противпожарна заштита. Притоа, биле игнорирани законските обврски за контрола на бројот на посетители, за проверка на условите за евакуација и за спречување внес на пиротехнички средства – токму тие предизвикале пожарот што доведе до масовна несреќа.

„Осомничените не презеле мерки за заштита на животот и здравјето на присутните, ниту го спречиле влезот на малолетници и внесот на експлозивни материи од страна на членовите на музичката група“, соопшти обвинителството.

Врз основа на судска наредба, вчера се извршени претреси на две локации во Скопје и Пробиштип, како и на возилото на осомничениот. Притоа се одземени документи и електронски уреди поврзани со агенцијата. Лицето е лишено од слобода, а обвинителството најави дека ќе побара притвор од Основниот кривичен суд во Кочани.