Партијата на пензионери алармира: Сметки за парно над 6.000 денари – ќе се грееме ли на дрва?

Партијата на пензионери (ПП) изрази сериозна загриженост поради енормно високите сметки за парно греење доставени од ЕСМ за месец мај. Во нивното соопштение, тие наведуваат пример каде стан од 75 квадратни метри во Центар добил сметка повисока од 6.000 денари.

„Ако вакви се мајските сметки, што ќе не чека во зима?“, прашуваат од партијата и предупредуваат дека ваквиот тренд може да доведе до масовно напуштање на системот за централно греење.

Од ПП реагираат дека со оваа политика ЕСМ ги доведува граѓаните до раб на издржливост:

„Дали некој во ЕСМ воопшто се грижи за граѓаните? Дали тие се свесни колкава е платежната моќ на пензионерите, работниците и семејствата? Наместо да ги задржат луѓето во еколошки прифатлив систем, ги туркаат кон греење на дрва, јаглен и пелети.“

Партиијата повика на итна ревизија и корекција на сметките, но и на нова стратегија за грејната сезона што доаѓа. „ЕСМ мора да води сметка да не предизвика масовно незадоволство и протести пред институциите“, предупредуваат од ПП.