Уапсен бизнисменот Крмзов

Рано утринава, по налог на јавен обвинител, полицијата го уапси струмичкиот бизнисмен Ристо Крмзов. Апсењето е резултат на истрага која трае веќе неколку месеци, во рамки на која беа извршени претреси и беше одземена обемна документација од неговите фирми.

Според последните информации споделени од премиерот Христијан Мицкоски на новинарски брифинг, Крмзов наводно направил злоупотреби вредни 15 милиони евра. Премиерот најави дека истрагата допира и до политички кругови.

Крмзов во изминатите години беше поврзуван со низа контроверзни случаи: пропаѓањето на Еуростандард банка, шемата за поврат на ДДВ, нелегален ископ на јаглен во РЕК Битола, аферата „Синџир“, како и шверц на брендирана гардероба. Во јавноста се спомнуваше како близок до семејството на поранешниот премиер Зоран Заев. ВМРО-ДПМНЕ тврдеа дека неговиот хотел „Вила Парк“ во Струмица бил омилено место за собирање на кругот околу Заев.

Во интервју за емисијата „Код“, Крмзов тврдеше дека политички мотивирана хајка започнала кон крајот на 2023 година, кога Управата за јавни приходи започнала да спроведува контроли, кои потоа биле намерно одложувани.

„Работам 31 година, од 1993 сум во бизнис. Сето ова е координирана акција од локални моќници поврзани со СДСМ, кои сакаат да ме отстранат од пазарот. Институциите нека проверат дали сум криминалец“, изјави Крмзов, упатувајќи обвинувања и кон тогашната директорка на УЈП, Сања Лукаревска, денеска пратеничка од редовите на СДСМ.

Истражните органи засега не откриваат детали за тоа дали и кои други лица се осомничени во случајот.