ДУИ упати остри критики кон премиерот Христијан Мицкоски и неговата партија, обвинувајќи ги за поттикнување на меѓуетничка омраза, изолационизам и прикривање на корупција.
„Додека Мицкоски продолжува со викотници, навреди и провокации, без ниту еден конкретен успех на владата, станува јасно дека неговата единствена програма се сведува на омраза, исклучување и потценување на Албанците“, наведуваат од ДУИ во своето соопштение
Партијата потсетува дека токму во 23-те години на нивно делување, Македонија станала членка на НАТО, се приближила кон ЕУ и изградилa функционален модел на мултиетнички соживот.
„Мицкоски и неговата партија секогаш биле против секој стратешки напредок – од Охридскиот договор, преку НАТО, до ЕУ. Освен што го изгубија стратешкиот, денес го изгубија и моралниот компас“, велат од ДУИ.
Во соопштението се наведува и дека актуелната власт штити лица вмешани во трагедијата во Кочани, а притоа, наводно, се врши притисок врз семејствата на жртвите.
„Мицкоски со потценувањето на Албанците можеби ќе добие неколку радикални гласови, но на среден и долг рок, тоа ќе остави длабоки поделби врз идните генерации“, велат од ДУИ, додавајќи дека „албанските портпароли на оваа влада го враќаат времето на вазалство меѓу Албанците“.
ДУИ потенцира дека останува партија на достоинството, единството и прогресот.
„Нема да дозволиме омразата да ја замени надежта. Наредните избори се референдум против поделена, изолирана и корумпирана Северна Македонија“, порачуваат од партијата.