Израел ја депортираше Грета Тунберг и активистите од бродот „Медлин“

Активистите од бродот „Медлин“, меѓу кои и познатата шведска климатска активистка Грета Тунберг, се депортирани од Израел, откако беа пресретнати од израелската морнарица при обид да ја пробијат поморската блокада на Појасот Газа и да испорачаат хуманитарна помош.

Израелското Министерство за надворешни работи соопшти дека активистите, наречени „патници на селфи-јахта“, пристигнале на аеродромот Бен Гурион и се на пат кон своите матични земји. Тие што одбиле да потпишат документи за депортација, ќе бидат изведени пред израелски суд.

Организаторите на мисијата – „Коалицијата Флотила на слободата“ – информираа дека сите 12 активисти биле приведени, но е можно некои од нив да бидат пуштени уште вечерва од Тел Авив.

Израелските власти ја задржаа и хуманитарната помош која, како што велат, „не била искористена од познатите личности“, а потоа ќе биде дистрибуирана кон Газа преку, како што тврдат, „легитимни канали“.

Бродот „Медлин“ исплови пред повеќе од една недела од Сицилија, со цел да ја оспори блокадата и директно да достави помош до населението во Газа, кое страда поради воениот конфликт. Тунберг во изминатиот период јавно учествуваше во бројни пропалестински протести.

Израел ја одржува поморската блокада врз Газа од 2007 година, кога Хамас ја презеде власта во енклавата. Мерката, која е поддржана и од Египет, има за цел да спречи снабдување со оружје до милитантната група, но е предмет на жестоки критики од хуманитарни организации и активисти ширум светот.