Владата упати силна порака на поддршка до жителите на Кочани и до семејствата на жртвите во трагедијата во дискотеката „Пулс“, нагласувајќи дека ова е заедничка борба и дека ниту повредените, ниту семејствата на загинатите млади нема да бидат оставени сами.
„Трагедијата однесе 62 млади животи и остави длабоки рани во целата држава. Нашата обврска како Влада е да обезбедиме целосна истрага, правда за жртвите, но и здравствена, психолошка и социјална поддршка за повредените и нивните блиски“, се вели во соопштението на владината прес-служба.
Досега, Владата обезбеди 30 милиони денари за покривање на трошоците за транспорт и сместување на придружбите на повредените пациенти. Дополнително, активирана е специјална телефонска линија на бројот 070/355-526, преку која семејствата можат директно да комуницираат со Кабинетот на премиерот за итни потреби, предлози и помош.
На следната владина седница, ќе биде донесена одлука одморалиштето Пониква да се пренамени во центар за рехабилитација, каде што ќе работи медицински кадар за психофизичка нега на повредените.
„Нашата одговорност не е само правна и институционална, туку и човечка. Ова е тест за солидарноста и емпатијата на државата. Ќе продолжиме со конкретни мерки во интерес на граѓаните – Кочани е приоритет и нема да биде заборавен“, истакнува Владата.