Директорот на АД МЕПСО, Бурим Љатифи, вчера објави дека е потпишан меморандум за соработка со косовскиот оператор КОСТТ, со што започнува подготовката за изградба на нова интерконекција помеѓу двете земји.
Станува збор за 400 kV далекувод на релација Тетово–Призрен, проект од стратешко значење кој ќе ја зајакне енергетската поврзаност и ќе ја зголеми прекуграничната размена на електрична енергија меѓу Северна Македонија и Косово.
„Ова е повеќе од инфраструктура – ова е конкретен придонес кон енергетската транзиција и заедничката иднина на Западен Балкан“, истакна Љатифи.
Со овој чекор, МЕПСО и КОСТТ испраќаат силна порака за регионална соработка и заедничко градење на енергетски стабилна и модерна иднина.