Поранешната НБА ѕвезда и кошаркарска легенда, Владе Дивац, доживеа сериозна сообраќајна несреќа во близина на Луштица, Црна Гора. Според информации на српскиот портал Нова.рс, Дивац паднал од мотоцикл и не можел сам да стане, што предизвикало загриженост кај присутните.
Веднаш бил префрлен во локалната болница, каде што итно бил подложен на хируршка интервенција на колкот. Среќна околност е што, освен повредата на колкот, не се евидентирани други посериозни повреди. Лекарите соопштија дека неговата состојба е стабилна и не се очекуваат компликации.
Владе Дивац во последните години често престојува во Црна Гора, каде што минатото лето беше забележан на одмор заедно со уште една НБА икона – Меџик Џонсон, во Бока Которска.
Легендарниот српски центар е еден од најуспешните играчи од просторот на поранешна Југославија. Со репрезентациите на СФРЈ и СР Југославија освои вкупно 13 медали: осум златни, два сребрени и три бронзени, вклучувајќи европски и светски првенства.