Кузеска обвинува: ВМРО-ДПМНЕ подготвува тендерски криминал од 2 милијарди евра за пругата без проект

Сериозни обвинувања за корупција и нетранспарентност упати денеска портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, предупредувајќи дека Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ се подготвува за, како што вели, „најголемиот тендерски криминал во поновата историја“.

На прес-конференција, Кузеска алармираше дека најавената пруга на Коридорот 10, вредна 2 милијарди евра, се турка без основна проектна документација, студии, анализа на траса или каква било транспарентна процедура.

„Пред очите на јавноста се одвива уште еден мегапроект без план, без јасни рокови, но со однапред дефинирана астрономска цена. Ако нема проект, ако нема студија – како се дојде до 2 милијарди евра? Се пресметува провизијата, не трошокот“, рече Кузеска.

Таа го обвини ВМРО-ДПМНЕ дека го повторува веќе видениот модел: ветување на инфраструктурни проекти без реална основа, вештачко надувување на цената, и отворање простор за перење пари и богатење на врвот на партијата.

Особено според Кузеска е што постојат контрадикторни изјави од самиот државен врв – додека премиерот Христијан Мицкоски вели дека изградбата ќе почне до крајот на годинава, министерката Кочоска најавува старт дури по 2027 година.

„Дали е ова координирано лажење на јавноста или само доказ за хаосот во Владата?“, праша Кузеска.

СДСМ бара итна транспарентност: физибилити студија, договори, критериуми за избор на изведувач и целосен увид во процесот. Според партијата, граѓаните имаат право да знаат дали се планира уште една голема зделка од која ќе исчезнат милиони евра – како во не толку далечното минато.

„СДСМ нема да молчи. Ќе ја следиме секоја постапка, ќе алармираме за секој сомнеж, и ќе бараме одговорност. Ако Мицкоски мисли дека ќе помине незабележано – се лаже“, заврши Кузеска.