Сериозна драма се одвивала доцна синоќа пред домот на родителите на Невена Спасеска во Скопје, кога вработена од Центарот за социјална работа, придружена од полициски службеници, се обидела да го преземе четиригодишниот син на Спасеска. Настанот се случил во доцните вечерни часови, а според тврдењата на семејството, социјалната работничка се заканувала дека детето ќе биде земено со сила доколку не се предаде доброволно.
Овој потег, како што наведуваат блиски до мајката, доаѓа во момент кога сè уште се чека одлука на Врховниот суд, додека правосилната одлука на судот во Битола го доделува старателството на таткото. Извршувањето на пресудата е закажано за 30 јуни – во просториите на Центарот за социјална работа – но семејството на мајката тврди дека се прават обиди тоа да се забрза и да се изведе во нетранспарентни и трауматични услови за детето.
Според информациите, мајката во повеќе наврати доставувала барања до Центарот за социјална работа – барајќи конкретни термини за контакт со детето, согласно судската одлука, пред да го предаде. Но, како што тврди семејството, Центарот не издал никаков одговор или решение во однос на нејзиното право на посета.
„Се создава слика дека мајката го крие или грабнала сопственото дете, додека вистинската слика е дека институциите ја втурнуваат во ќор-сокак. Таткото, кој со месеци не го видел детето, бара итна примена на одлуката и наводно има блиски врски во Центарот“, велат извори блиски до случајот.
Овој случај ги активира и сеќавањата од 2022 година, кога токму таткото го зел детето и избегал во непознат правец, по што бил запрен од интервентна полиција на патарина кај Петровец.
Мајката тврди дека и се заканувал дека, откако еднаш ќе го земе детето, „никогаш повеќе нема да го види“. Поради тоа, таа побарала измена на решението за привремено гледање – но безуспешно.
Дополнително, постојат сомнежи за блиска поврзаност меѓу таткото и вработени од Центарот за социјална работа во Скопје, за што, како што дознава А1он, пред еден месец биле испратени прашања до институцијата, но без одговор.
Случајот ја отвара дебатата за праксите на центрите за социјална работа, правната рамка за заштита на децата и за тоа како се извршуваат судските пресуди кои директно влијаат врз емоционалната и психолошка состојба на дете на само четири години.