ВЛЕН го отвори Централниот штаб во Скопје: Повеќе направивме за една година, отколку ДУИ за две децении

На плоштадот „Скендербег“ во Скопје вечерва беше отворен Централниот штаб на коалицијата ВЛЕН, каде што лидерите на движењето, со масовна поддршка од граѓаните, ги претставија своите цели пред претстојните локални избори.

Вицепремиерот Изет Меџити остро се осврна на досегашното владеење на ДУИ, истакнувајќи:

„Во само една година постигнавме повеќе отколку тие за 22. Да ни ја покажат нивната најдобра година за вработување – нема да биде подобра од она што ние го правиме сега. Затвораме казина, отвараме работни места, носиме правда.“

Според Меџити, ВЛЕН е движење што „секојдневно ја покажува разликата“, обвинувајќи ја ДУИ дека се организирале околу интереси како Соравија и лотаријата, а не околу граѓаните.

Проекти и визија за развој

Беким Ќоку, исто така еден од лидерите на ВЛЕН, порача дека новоотворениот штаб ќе биде „извор на енергија за победа во октомври“. Тој ги потенцираше конкретните проекти – како автопатот Тетово–Призрен и регионалната соработка со Косово и Албанија.

„Ние инвестиравме во Универзитетот Мајка Тереза, додека тие трошеа 35 милиони за трговски центри. Половина милион Албанци се иселија, ние работиме за нивното враќање“, нагласи Ќоку.

Со остра реторика, тој ја заврши својата порака: „Доаѓа денот кога ДУИ ќе стане нон грата во албанската политика!“

Битка за општините и иднината

Вицепремиерот Арбен Фетаи ги повика граѓаните на мобилизација:

„Ова не е само изборен циклус – ова е битка за иднината. ВЛЕН е спротивноста на оние што тргуваат со општини како на чаршија.“

Градоначалникот на Тетово, Билал Касами, нагласи дека промените се веќе видливи.

„Имавме дупки, нечиста вода, сега зборуваме за млади, култура и развој. Победата не е за политичарите, туку за граѓаните“, истакна тој.

Зеќирија Ибрахими повика на референдумска одлука:

„Или ќе управува ВЛЕН, или се враќаме кон криминалот. Ако немате друга причина да гласате за нас – гласате за заштита на албанското семејство и иднината на вашите деца.“

Мобилизација и организација

Шефот на штабот, Аднан Азизи, го најави планот на теренска мобилизација:

„Ќе бидеме во секоја населба, во секој град каде што има Албанци. Оваа борба не е само за власт, туку за правда и достоинство.“

Азизи ја заокружи вечерта со порака дека ВЛЕН не е само политичка коалиција, туку „јадро на вредности што ќе ја дефинираат иднината“.

„Енергијата што ја видовме вечерва е доказ – промената веќе се случува. Победата е прашање на време. ВЛЕН, затоа што Албанците заслужуваат повеќе“, заклучи тој.