Рускиот претседател Владимир Путин повторно ја разгори геополитичката тензија со нова изјава – „Цела Украина е наша“. На пленарната сесија на Меѓународниот економски форум во Санкт Петербург, тој порача дека Русија не бара капитулација на Украина, туку признавање на реалноста „утврдена на терен“.
„Рускиот и украинскиот народ се еден. Во оваа смисла, цела Украина е наша. Каде и да стапне руски војник, таа е наша“, изјави Путин, јасно навестувајќи територијални претензии.
Иако нагласи дека Русија не го оспорува правото на суверенитет на Украина, истовремено посочи дека Украина била неутрална држава при прогласувањето независност во 1991 година. Тој ги оправда воените дејствија на Москва со, како што рече, постојаните украински напади врз руските гранични региони, поради што Русија морала да создаде „безбедносна зона“.
Изјавата предизвика бурни реакции на меѓународната сцена и дополнително ја усложнува ситуацијата во регионот.