На денешната прес-конференција, портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, јавно побара отворање на нова, независна истрага околу валидноста на ТОЕФЛ-сертификатот на директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Бојан Христовски, откако, според неа, во јавноста излегле нови, сериозни сомнежи за можни манипулации со документот.
Според последното истражување на БИРН, Христовски го полагал тестот од дома, иако претходно за македонски медиум тврдеше дека испитот го положил преку јазичното студио „Јулија“ во Пловдив. Дополнително, три од четирите дела на тестот – читање, слушање и пишување – ги полагал на 22 март 2022 година, додека делот за говорење го полагал пет дена порано, што, според СДСМ, е во спротивност со правилата на ETS, институцијата која го администрира тестот.
Кузеска нагласи и дека сертификатот важел до март 2024 година, додека Христовски беше именуван за директор седум месеци подоцна, во октомври истата година, што според неа укажува на користење документ со помината важност.
„И кодот на тест-центарот наведен на сертификатот не е од Пловдив, туку од Софија – што директно ја демантира изјавата на Христовски. Дополнително, верзијата на документот што тој ја приложил може сам да ја испечати секој кандидат, без официјална потврда од ETS“, истакна Кузеска.
СДСМ смета дека Обвинителството, преку скопскиот обвинител Владимир Милошевски, го штити Христовски и го заташкува скандалот. Поради тоа, партијата упати три јасни барања:
1. Отворање на нова, независна истрага за случајот Христовски;
2. Вклучување на Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција;
3. Побарување на официјалните податоци за полагањето директно од ETS.
„Ова не е само прашање на валидност на еден сертификат, туку сериозно прашање на правда, злоупотреба на институциите и селективна правда што го поткопува системот. Одговорност мора да има“, заклучи портпаролката на СДСМ.