Израелската влада официјално соопшти дека го прифатила предлогот на американскиот претседател Доналд Трамп за прекин на огнот со Иран. Одлуката, како што велат израелските власти, е донесена поради тоа што „клучните цели на операцијата се веќе постигнати“.
Во соопштението се наведува дека Израел успеал да ја отстрани „двојната непосредна егзистенцијална закана“ – онаа од иранската нуклеарна програма и од балистичките ракети. Покрај тоа, велат дека биле предизвикани „големи загуби во военото раководство на Иран“ и биле уништени десетици клучни владини цели.
На последниот ден од воените дејствија, израелските сили, како што наведуваат, го погодиле центарот на Техеран, елиминирале висок нуклеарен научник и стотици членови на паравоената милиција Басиџ, која режимот ја користи за сузбивање на внатрешните протести.
„Израел ќе одговори решително на секое кршење на примирјето“, предупредуваат од владата.
Во завршниот дел од соопштението, израелските власти му изразуваат благодарност на Доналд Трамп и на САД за, како што наведуваат, „поддршката во одбраната и учеството во елиминирањето на иранската нуклеарна закана“.
Примирјето стапи на сила утрово, откако и Иран објави дека ја прифаќа иницијативата, но под услов да престанат израелските напади.