Скопјанец обвинет за семејно насилство – со чадор ја претепал сопругата

Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинителен предлог против 54-годишен скопјанец за кривично дело телесна повреда при вршење семејно насилство, согласно член 130 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Инцидентот се случил на 20 јуни во семејниот дом на улицата „Бутелска“. Обвинетиот, под дејство на алкохол, најпрво влегол во спалната соба каде се наоѓала неговата сопруга и агресивно ја навредувал, држејќи чадор во рака. Откако таа се повлекла во дневната соба, започнал да ја влече и ја удрил со чадорот по главата, по што жртвата паднала на подот.

Насилството продолжило – мажот ја давел и ја удирал по целото тело. Жената успеала да се одвлечка до отворената влезна врата и повикала полиција.

Јавниот обвинител побара продолжување на мерката притвор, оценувајќи дека и натаму постојат основи за ваква мерка, имајќи ја предвид сериозноста на делото и ризикот по безбедноста на жртвата.