Учениците кои не се запишаа во првиот уписен рок во јуни добиваат втора шанса – второто електронско пријавување за средно образование ќе се одржи во понеделник, на 30 јуни, а потребната документација се доставува следниот ден, 1 јули. Конечната ранг-листа ќе биде објавена на 2 јули, најдоцна до 12 часот.
Според Министерството за образование и наука, на располагање се 16.034 слободни места во средните училишта ширум државата. Од нив:
– 10.758 се за настава на македонски јазик,
– 4.781 на албански,
– 474 на турски,
– 21 место за настава на српски јазик.
Најголемиот дел од слободните места – 12.307 – се за стручно образование, додека 3.727 се за гимназиско образование.
По првото пријавување во јуни, запишани се вкупно 13.712 ученици од 16.601 пријавени. Повторно, стручното образование беше поатрактивно – 9.469 ученици се запишале во стручни училишта, наспроти 4.243 во гимназии.
Во некои училишта, како скопските „Панче Караѓозов“ и „Георги Димитров“, како и СОМУ „Гостивар“, беше спроведено квалификациско тестирање поради поголем број пријавени ученици со еднаков успех. Министерката Весна Јаневска потенцираше дека овие тестирања се законски и предвидени во конкурсот.
Доколку има потреба, квалификациско тестирање ќе има и во вториот рок – на 4 јули, кога ќе бидат објавени и конечните резултати.
За оние кои нема да се запишат ни во јунскиот рок, последна шанса ќе биде августовскиот уписен рок – електронското пријавување ќе се спроведе на 21 август, а конечната ранг-листа ќе биде објавена на 22 август.