Кисела Вода блесна: Спектакуларна прослава на 70-годишнината со светска ѕвезда и над 35.000 посетители!

Со невидена енергија, уникатна атмосфера и над 35.000 посетители од цела Македонија и регионот, Општина Кисела Вода го одбележа својот јубилеен 70-ти роденден. Во присуство на граѓани од Скопје, Србија, Бугарија и Грција, синоќа беше отворено и Културното лето 2025 под слоганот „Сѐ на свое место“.

„Обединетоста што ја видовме, почитувани мои, е најголемата потврда дека сме на вистинскиот пат. Конечно, оваа година сѐ доаѓа на своето место. И не заборавајте – најдоброто допрва доаѓа!“, истакна градоначалникот Орце Ѓорѓиевски во своето обраќање, изразувајќи благодарност до сите присутни, како и до министрите кои ја поддржаа вечерта.

Музичката програма започна со енергичен сет на ДЏ Матс, по што следуваа настапите на ДЏ Ампов и ДЏ Деан Мицкоски кои ја доведоа атмосферата до вриење. Вистинскиот спектакл, сепак, дојде со појавувањето на светски познатиот диџеј и продуцент Роџер Санчез, чие двочасовно шоу остави без здив илјадници љубители на електронската музика и постави нов стандард за забавни настани во Скопје.

Особено симболичен момент на вечерта беше поставувањето на последното парче од сложувалката во форма на голема карта на Скопје, заедно со актерот Сашко Коцев – чин што го симболизира заокружувањето на визијата за модерна и обединета Кисела Вода.

„Ви благодарам на сите – без вас, оваа вечер немаше да биде толку добра. Би рекол, предобра!“, порача Ѓорѓиевски, најавувајќи уште многу вакви моменти во иднина.

Жителите на Кисела Вода и сите гости уште долго ќе го паметат овој јубилеен роденден, кој со право ќе остане запишан како едно од највеличествените славења во историјата на општината.