На седницата за пратенички прашања, пратеникот од Левица, Амар Мециновиќ, го испраша заменик-министерот за енергетика, Мирослав Лабудовиќ, изразувајќи загриженост поради честите хаварии во енергетскиот систем, зголемената зависност од увоз на струја и зголемувањето на долгот на ЕСМ.
Мециновиќ посебно се осврна на неодамнешниот инцидент во РЕК Битола, изразувајќи сомнежи дека не се работи за обичен технички дефект, туку за непрофесионално и сомнително управување.
“Вработените во РЕК Битола, кои се административен персонал, биле принудени да чистат пепел и прашина – што претставува кршење на нивните работни права. Уште поалармантно е тоа што фирма, основана само два месеца пред да добие тендер вреден 2,5 милиони евра, ја извршува оваа работа, иако нема историја на такви активности,” истакна Мециновиќ.
Лабудовиќ одговори со општи формулации, избегнувајќи конкретни објаснувања, што дополнително ги засили сомнежите за недостаток на транспарентност во управувањето со енергетскиот сектор.
Оваа ситуација го покрена прашањето дали се создаваат вештачки услови кои би можеле да послужат како оправдување за идна приватизација на делови од енергетскиот систем.