Одлуките што беа донесени на Самитот на НАТО во Хаг ќе имаат длабоки и позитивни последици за идните генерации, оценува министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, во интервју за престижниот американски тинк-тенк „Atlantic Council“.
– Јас лично овој самит го нарекувам „генерациски“. Одлуките што ги донесовме не се само значајни, туку и историски, со долгорочен позитивен ефект. Особено е клучна одлуката за идните инвестиции кои се неопходни за земјите членки, но и за стабилноста на самата Алијанса – изјави Муцунски.
Министерот нагласи и дека САД, особено под водство на администрацијата на претседателот Трамп, одиграле централна улога во донесувањето на овие одлуки.
– Без водството на САД, овие тешки, но неопходни одлуки немаше да бидат донесени. Заслугите мора да се препознаат таму каде што припаѓаат. Притоа, беше важно што постоеше отвореност меѓу сојузниците, конструктивна дебата и разбирање дека инвестициите во одбраната не се само за „тврда моќ“, туку и за индустриска база, инфраструктура, сајбер-безбедност и долгорочна стабилност. Овој самит не е само дел од историјата – тој е инвестиција во нашата иднина – порача Муцунски.
Како што информира Министерството за надворешни работи, во интервјуто Муцунски говори и за придонесот на Македонија како членка на Алијансата.
– Иако сме една од поновите членки, нашето членство го сфаќаме многу сериозно. Веќе планираме како да го достигнеме прагот од 5% инвестиции во одбраната. Присутни сме на мисиите од Балканот до Балтикот, со нашите храбри војници кои ја претставуваат Македонија достоинствено и придонесуваат за колективната безбедност. Американските граѓани треба да знаат – македонските сојузници се со нив. Рамо до рамо – истакна министерот.
Муцунски заклучи дека Северна Македонија останува силен и посветен партнер на НАТО и ќе продолжи да вложува во заедничката безбедносна архитектура на Алијансата.