Драма во Струмица: Полициска потера заврши со заплена на марихуана кај ланч бар “Концепт”

Возбудлива полициска акција се одигра денеска попладне во Струмица, во близина на популарниот  Ланч Бар Концепт, каде што полициски единици спроведоа потера по возило во кое, според првичните информации, се превезувала поголема количина на марихуана.

Очевидци за „Револуционер“ сведочат дека неколку полициски возила со вклучени сирени ја следеле сомнителната кола со голема брзина, при што биле загрозени и неколку учесници во сообраќајот. Потерата завршила во близина на паркингот пред ланч барот, каде што полицијата успеала да го блокира и приведе возилото.

По приведувањето на осомничените, кои се двајца мажи на возраст од 25 и 31 година, извршен бил претрес на возилото при што била пронајдена вреќа со марихуана спакувана за понатамошна дистрибуција. Полицијата засега не ги открива идентитетите на приведените, но се претпоставува дека се работи за членови на организирана криминална група која делувала на југот на државата.

Целата акција се одвивала под координација на Одделот за сузбивање на организиран криминал, а случајот веќе е предаден на јавен обвинител. Се очекува во наредните денови полицијата да излезе со повеќе информации.

„Се беше како во филм, одеднаш слушнавме сирени и гледаме полиција како го опкружува автомобилот. Среќа што никој од нас не беше повреден,“ изјави еден сведок за „Револуционер“.