Градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, најави почеток на изградбата на новиот булевар „23 Октомври“ – капитален проект кој, според него, ќе има значително влијание врз сообраќајната слика на градот.
„Ова е булевар што ќе стане ново сообраќајно грло на Струмица. Ќе го растовари центарот од метежот, ќе овозможи подобар проток, побезбедни улици и повеќе простор за сите граѓани“, истакна Костадинов во својата објава.
Булеварот „23 Октомври“, познат и како поранешен булевар ВМРО, е дел од поширока стратегија за урбан развој и еден од стратешките проекти што локалната самоуправа ги реализира, како што нагласува градоначалникот – „чекор по чекор, со визија, со план и со силна решеност“.
„Струмица не стои. Струмица гради. Струмица се движи напред и нема да престане“, порача Костадинов, нагласувајќи дека проектите продолжуваат со народна поддршка и силен импулс за напредок.