Градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, смета дека изборот на судијката Даниела Димовска за в.д. претседателка на Основниот кривичен суд – Скопје не е случаен. Според него, нејзиното унапредување е „награда“ за изречената пресуда против него – три и пол години затвор поради случај поврзан со изградбата на административната зграда на Општина Карпош.
Јакимовски ѝ честиташе на Димовска за новата функција, но со остра критика:
„Напредување преку газење по лешеви е нечовечки“, изјави тој, додавајќи дека нејзиниот избор предизвикал лавина негативни реакции, дури и од судски колеги, што – како што тврди – му дава право да се сомнева во вистинските мотиви зад унапредувањето.
„Ова е само уште една потврда дека судството е партизирано. Јас четири пати сум бил избран за градоначалник по заслуги пред граѓаните, а таа напредува по партиски заслуги. Јас сум осуден за нешто што не сум го сторил, а Димовска само ја пренесе пораката на оние што ја создадоа пресудата“, рече Јакимовски, алудирајќи на, како што рече, „гнездото во Белата палата“.
Јакимовски додаде дека пресудата го разочарала, но дека последниот развој на настаните само го зајакнал неговиот став дека станува збор за политичка пресметка. Тој порача дека ќе ја искористи оваа ситуација како дополнителен мотив за да ги охрабри граѓаните на Карпош на претстојните локални избори.
„Ова е повик за отпор – Карпош не смее да стане испостава на ВМРО-ДПМНЕ. Никогаш не сум дозволил Карпош да биде партиски штаб на ниту една партија. Ова е општина на сите граѓани. За жал, денес сме сведоци на тоа како и судството, највиталниот дел од секое општество, се партизира под оваа власт“, изјави Јакимовски.