Кристал Палас исфрлен од Лигата на Европа, Нотингем Форест влегува на негово место

Европската фудбалска унија (УЕФА) донесе одлука да го исфрли англискиот клуб Кристал Палас од Лигата на Европа поради кршење на правилата за повеќекратна сопственост на клубови што настапуваат во исто европско натпреварување. На негово место ќе настапува Нотингем Форест, кој сезоната ја заврши на седмата позиција во Премиер лигата.

Клучниот проблем произлегува од фактот што американскиот бизнисмен Џон Текстор е сопственик и на Кристал Палас и на францускиот Олимпик Лион – два клуба кои се изборија за настап во истото европско натпреварување, што е спротивно на регулативите на УЕФА.

Текстор се обидел да ја заобиколи ситуацијата со продажба на својот 41-процентен удел во Кристал Палас, но трансакцијата не била формализирана навреме. УЕФА истакна дека рокот за регулирање на сопственичката структура бил 1 март, а обидот за промена бил преземен предоцна.

Иако Кристал Палас има можност да поднесе жалба до Арбитражниот суд за спорт (CAS) во Лозана, за сега е извесно дека нивното место во Лигата на Европа ќе го заземе Нотингем Форест.

Овој случај уште еднаш ги актуализира прашањата околу концентрацијата на сопственост во европскиот фудбал и нејзиното влијание врз фер-плеј принципите на натпреварување.