Арсовска: Смислуваат сценарија за пожари и ме обвинуваат дека ја дестабилизирам државата

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, преку објава на социјалните мрежи остро реагираше на, како што наведува, нови конструкции и дезинформации кои се шират со цел да ѝ се наштети лично, но и да се создаде вештачка политичка криза.

Во нејзината реакција, Арсовска тврди дека во еден од партиските штабови се одржал состанок за, како што пишува, справување со кризата, каде што било предложено ново сценарио во кое таа била директно инволвирана.

„Вчера заседавале во штаб на состанок за справување со кризата: ‘Шефе, ми текна, а да кажеме дека таа го тепала командантот на ОВК’“, напиша Арсовска, алудирајќи на апсурдноста на идеите кои, според неа, се изнесуваат од страна на политичките противници.

Таа продолжува со тврдењето дека се подготвува нов наратив, кој би се активирал во случај на пожари:

„Смислиле ново сценарио – кога ќе имало пожари, да кажеле дека јас сум виновна, дека јас ги организирам за да ја дестабилизирам државата.“

Посебно загрижувачки, како што наведува, е тоа што ваквите тврдења наводно се испраќале и до странски амбасади, со тврдење дека се добиени од „сигурни разузнавачки извори“.

„И со цел памет ова по пораки го пишувале по амбасадори за да го најават планот кој го добиле од ‘сигурни’ разузнавачки извори,“ додава таа.

Арсовска го завршува своето обраќање со директна и гневна критика:

„Срам имате ли, заедно со вашите сакани команданти од ОВК?“

Објавата на градоначалничката предизвика бурни реакции во јавноста и повторно ги отвори прашањата за политичката злоупотреба, лажните вести и опасната злоупотреба на безбедносните наративи во политички цели.