Шекеринска од Дубровник: Русија е закана – не смееме да бидеме наивни

„Целта на НАТО не е агресија, туку одвраќање на закани“, порача заменик-генералниот секретар на Алијансата, Радмила Шекеринска, од форумот во Дубровник, каде зборуваше за новата реалност на европската безбедност и потребата од силна одбранбена политика.

На панел-дискусијата „Зајакнување на европските одбранбени капацитети: Предизвици и можности“, Шекеринска предупреди дека „инвазијата врз Украина е јасен сигнал за апетитите на Русија“ и повика на внимателност и сериозност.

„Не смееме да бидеме наивни, не смееме да се опуштиме. НАТО треба да биде посилен, пофер и поефикасен, затоа што само така можеме да ги одвратиме потенцијалните закани,“ рече Шекеринска.

Таа потсети дека Русија е дефинирана како „јасна и непосредна опасност“ за евроатлантската безбедност, но додаде дека и заканите од тероризам не смеат да се занемарат.

Историска одлука: Пет проценти од БДП за одбрана

Шекеринска го оцени како историски важен договорот постигнат на самитот на НАТО во Хаг – членките на Алијансата се обврзаа да ги зголемат трошоците за одбрана на најмалку 5% од БДП до 2035 година.

„Ова не е само бројка. Тоа е одговор на новата реалност. Мораме да инвестираме во одбранбената индустрија, да не ја заборавиме Украина, и да ги споделиме товарите фер – тоа е основа на НАТО уште од Ајзенхауер и Кенеди,“ нагласи таа.

Таа истакна дека напредокот кон овие цели ќе биде внимателно следен, а соработката меѓу НАТО и ЕУ останува клучна, особено во домените на сајбер-безбедноста, заштита на критичната инфраструктура и иновации во одбранбените технологии.

„НАТО ќе остане камен-темелник на нашата колективна безбедност. А ЕУ веќе усвои план кој треба да мобилизира 800 милијарди евра за одбрана до 2030 година,“ заклучи Шекеринска.