Тројно убиство го потресе Прилеп – вујко уби свој внук од сестра, неговото малолетно дете, а потоа си го одзеде и сопствениот живот. Крвавата заложничка драма се случувала во близина на Турското училиште во градот, а Револуционер, повикувајќи се на извори од местото на настанот, дознава дека убиецот бил тешко вооружен и поседувал вистински арсенал оружје.
Убиениот маж е Панчо Чупаркоски, познат во Прилепската јавност како претседател на клубот „OFF ROAD PRILEP“. Според првичните сознанија, тој и неговото дете биле намамени од убиецот да дојдат во неговиот дом, каде потоа биле држени како заложници.

Сѐ уште не е официјално потврден мотивот, но според содржината на објавата што убиецот ја објавил на својот Фејсбук-профил пред убиствата, се претпоставува дека зад трагедијата стојат нерешени семејни конфликти и длабоки лични несогласувања.
„Мојата сестра Љуба Чупаркоска и нејзиниот син…
Ми украде и одзеде скоро сѐ, останатото им го дадов сам, но…
Не играјте си со оние кои што немаат што да изгубат!“
Трагедијата започнала околу 15 часот, кога соседите пријавиле сомнителна ситуација. Полицијата веднаш реагирала и го опколила домот, но ситуацијата кулминирала доцна во ноќта, кога пристигнале и припадници на елитната единица „Тигар“ со хеликоптер. За жал, било предоцна – три животи беа изгубени, меѓу кои и животот на едно дете.
Жителите на прилепската населба, каде што се случила трагедијата, се во шок. Според нив, сторителот бил тивок и повлечен човек, кој никогаш не покажал знаци дека е способен за вакво насилство.
Министерството за внатрешни работи сѐ уште нема излезено со официјално соопштение, но јавноста бара одговори за оваа ужасна трагедија, која отвора сериозни прашања за безбедносниот систем, контрола на оружјето и поддршката на лица со семејни и психолошки проблеми.