Со свечена литургија во древниот храм „Света Софија“ во Охрид, архимандритот Георгиј денес беше хиротонисан и устоличен како нов митрополит на Дебарско-кичевската епархија. Чинот го водеше архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан, во присуство на бројни владици, свештеници, верници и државни претставници.
Во својата прва беседа како митрополит, Георгиј се завети на искрена служба со љубов и пожртвуваност:
„Ќе бидам вреден, нема да бидам мрзлив, и сето тоа ќе го правам според совеста, без лицемерност, туку со искрена љубов кон Бога и кон ближните“, истакна тој, повикувајќи се на зборовите: „Проколнат да биде секој што нема да го извршува Божјото дело.“
Архиепископот Стефан го нарече „достоен пастир на своите претци“, нагласувајќи дека улогата на епископот е да биде „жртва, светаденица и глас на безгласните“.
Митрополитот Георгиј го наследува покојниот митрополит Тимотеј. Неговото воздигнување беше дел од брза, но канонски уредна процедура – од монашење, преку јероѓакон и игумен, до изборот за владика.
Поранешен декан на Богословскиот факултет, Георгиј (со световно име Ѓоко Ѓорѓевски) е теолог со меѓународна репутација – докторирал на Папскиот универзитет во Рим, а бил и амбасадор на Македонија при Ватикан. Познат е по своето богословско творештво и преводи на Светото писмо.