Мицкоски: По години застој, автопатот Кичево – Охрид станува симбол на новото време

Премиерот на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски, денес присуствуваше на пуштањето во употреба на делницата Пресека – Песочани, дел од автопатот Кичево – Охрид, што го оцени како важен чекор кон враќањето на довербата во институциите и доказ дека промените се можни кога се работи со одговорност и искреност.

„Ова не е само пуштање во употреба на автопатска делница, туку момент на враќање на вербата, доказ дека кога ќе ја преземеме одговорноста со чиста совест и искрена намера, тогаш промените се случуваат“, порача премиерот Мицкоски.

Тој нагласи дека за само една година, неговата влада успеала да го откочи еден од најзаглавените инфраструктурни проекти во земјата – автопатот Кичево – Охрид, кој со години стоеше како симбол на институционален застој.

„Денес се вози по нов автопат на делницата Пресека – Песочани. Проектот што со години беше срамна слика за држава што тапка во место, денес стана симбол на новото време“, истакна Мицкоски.

Во своето обраќање, тој подвлече дека оваа Влада не гради само со бетон и асфалт, туку и со работа, чесност и почит кон секој граѓанин кој плаќа даноци и очекува резултати.

„Оваа влада е тука да работи. Да решава проблеми. И да, најдоброто допрва доаѓа“, заврши премиерот.