Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, денеска јавно излезе со сериозни обвинувања дека пожарите кои го зафатија Скопје не биле случајни, туку дел од организирана акција со потенцијална политичка заднина. Според него, постојат индиции дека целта била создавање хаос во главниот град, а во целата шема се вмешани и лица блиски до опозицијата.
„На терен се пронајдени дрва натопени со бензин, стари гуми и ракавици, што укажува на намерно подметнување. Неколку лица се приведени и се поврзуваат со структури блиски до СДСМ“, изјави Петрушевски.
Тој се прашува дали опозицијата директно учествувала во креирање на кризи со политички мотиви:
„Зошто веднаш по избувнувањето на пожарите, СДС и нивните блиски структури се активираа со коментари и соопштенија? Дали станува збор за координирана политичка акција со однапред подготвен наратив?“, праша Петрушевски.
Иако институциите засега не излегуваат со официјални потврди за овие тврдења, Петрушевски смета дека ако се докаже политичка позадина, мора да следи и одговорност – и правна и морална.
Од МВР досега негираат дека се поднесени кривични пријави поврзани со политички партии, но потврдуваат дека истрагата е во тек и дека деталите од местата каде се избувнати пожарите укажуваат на човечки фактор.