ДУИ со остри критики: Тие што го попречуваа Коридорот 8, сега се фалат со него

Демократската унија за интеграција (ДУИ) упати критика кон Владата за, како што велат, обидот да се присвои заслугата за изградбата на Коридорот 8 — проект за кој, според нив, партијата водела децениска политичка битка.

„Го поздравуваме ентузијазмот со кој актуелната влада го промовира реализирањето на стратешките проекти во земјата, како што е Коридорот 8 – проект од национално и меѓународно значење, стратешки важен за Република Северна Македонија, евроатлантските интеграции и мрежата на трансевропски коридори на НАТО“, се наведува во соопштението на партијата.

ДУИ, сепак, не ја крие иронијата што, според нив, ја носи актуелната ситуација: „Тие што некогаш го саботираа, блокираа и стигматизираа овој проект, денес се обидуваат да ги присвојат заслугите. Коридорот 8 е резултат на силна политичка волја, институционална посветеност и визија на ДУИ и лидерот Али Ахмети. Граѓаните не забораваат.“

Партијата потсетува дека, веднаш по доаѓањето на новата влада, една од првите одлуки била укинување на изградбата на тунелот меѓу Гостивар и Кичево, како и блокирање на теренските активности со месеци. „Тие што вчера го нарекуваа ‘проект со епски криминал’, денес зборуваат за негова историска важност.“

ДУИ порачува дека, иако денес резултатите стануваат видливи, не смее да се заборави кој навистина стоел зад реализацијата. „Овој проект го носи печатот на ДУИ – во визија, одлука и политичка инвестиција. Тоа е наша инвестиција во европската иднина на земјата, и дел од нашата борба за рамномерен развој и интеграција.“

Партијата додава дека им посакува успех на сите чинители вклучени во финализирањето на Коридорот 8, со цел тој да се реализира во интерес на граѓаните, економскиот напредок и мултиетничкото зајакнување на државата.