Нов удар за TikTok: Ирските власти отворија нова истрага поради складирање податоци во Кина

TikTok повторно е под лупа на европските регулатори. Само неколку месеци по рекордната казна од 530 милиони евра поради неправилности со трансферот на лични податоци во Кина, ирската Комисија за заштита на податоци (DPC) отвори нова истрага против платформата.

Претходно, TikTok тврдеше дека податоците од корисниците во Европската економска зона (ЕЕА) се чуваат на сервери надвор од Кина, но дека одредени вработени во Кина имаат далечински пристап до нив. Сепак, на почетокот од април, TikTok го извести DPC дека открил дека „ограничени кориснички податоци од ЕЕА“ сè уште биле складирани на сервери во Кина сè до февруари, иако, според нив, овие податоци подоцна биле избришани.

Ова признание директно противречи на нивните претходни изјави дадени за време на првата истрага, што го поттикна ирскиот регулатор да отвори нов предмет. Целта е да се утврди дали TikTok повторно ја прекршил Општата регулатива за заштита на податоци (GDPR) на Европската унија.

Инаку, TikTok, како и повеќето технолошки гиганти, го има своето европско седиште во Ирска, што ја прави DPC клучна институција за надзор на нивното работење во ЕУ.