Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, со нова јавна објава го повика Ислам Абази, обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, итно да постапи по, како што наведува, постојните докази за криминал. Таа го повика обвинителот да ја оправда исклучително ниската доверба на граѓаните во институцијата која ја претставува, нагласувајќи дека обвинителството ужива само 2% доверба.
„Го повикувам Ислам Абази од Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција, да ги оправда тие 2% доверба кои ги има обвинителството кај граѓаните и да постапи по доказите за криминал,“ наведува Арсовска.
Таа предупреди дека доколку институциите не реагираат, ќе се создаде опасен преседан кој, според неа, би можел да резултира со масовна изградба на дивоградби под образложение дека државата не реагира. Преку иронија, Арсовска посочува дека „сите ќе започнеме со капитални проекти за градење безбедни дивоградби и обезбедување гратис станови со џабе вода и џабе струја за оние на кои не им е решено станбеното прашање“.
Градоначалничката додава дека институциите потоа немаат легитимитет да реагираат, ниту да прашуваат за потеклото на средствата, ако не преземат дејствија во актуелните случаи. Според неа, обвинителството ќе треба да се извини на сите граѓани кои досега биле казнети, им биле срушени објекти или служеле казни за бесправна градба.
„Еден од министрите на Владата, секој ден плаче, лаже, манипулира и праќа пораки по дипломатските претставништва да ми реагираат да престанам до избори да говорам за криминалов,“ тврди Арсовска во објавата.
Таа на крајот додава дека веќе нема да ги повикува институциите да постапуваат, затоа што, како што пишува, „народот ги виде“ и дека „се девалвирале бидејќи не смеат да му писнат на Висар Ганиу“.
Ова е уште едно од серијата директни обраќања на скопската градоначалничка до институциите во врска со, според неа, нерешените случаи на урбан и финансиски криминал. Од страна на обвинителството и надлежните власти засега нема официјален одговор на овие обвинувања.